одводник | м.

Тоа што служи за одведување на нешто (канал, цевка и сл.). Одводник на вода. Електричен одводник.

одвоен | прид.

Што е одделен, изолиран од некого или од нешто. Одвоен од светот.

одвои | св.

а) Оддели, раздели од некого, од некоја целина, заедница. Тој не можеше да го одвои детето од неговата мајка. Таа одвај ги одвои раскараните деца. Тие ги одвоија младите во посебно домаќинство. б) Оддели, раздели нешто што е споено, цело. Го одвои месото од коските. Одвои парче од тестото.

одвратен | прид.

Што е одбивен, гаден, гнасен, што предизвикува одбивност, одвратност. Одвратен човек. Одвратна постапка. Одвратна миризба.

одврати | св.

Направи вратка, возврати на ист, соодветен начин на нешто направено од некого. Ако ме удриш, ќе ти одвратам. На насмевката му одврати со насмевка.

одвреме-навреме | прил.

Понекогаш, повремено, ретко, не секогаш. Одвреме-навреме потсвирнуваше. Стариот одвреме-навреме ќе навратеше во дуќанот. Се погледнувавме одвреме-навреме.

одврзе | св.

а) Оддели, одвои нешто што било претходно врзано. Тој ги одврза вреќите полни со жито. Детето ги одврза чевлите. б) Ослободи тоа што било врзано за нешто. Тој го одврза магарето од дрвото. Го одврза чунот и го турна во водата.

одврти | св.

Со вртење отвори нешто затворено, стегнато. Тој ја одврти бомбата и ја фрли. Го одврти чепот на бочвата и виното истече. Водоводџијата ја одврти славината за вода.

одвртка | ж.

Алатка со која се одвртува и завртува нешто; шрафцигер.

одгатка | ж.

Одговор, решение на загатка; Бараше одгатка во неговите зборови. Не можеше да најде одгатка на ниедно прашање.