пласт | м.
Куп сено, трева или ожниено жито. Пластови сено во косена ливада.
пластелин | м.
Мека пластична маса од глина, восок и др. што се користи за моделирање. Бел пластелин. Пластелин во различни бои.
пластеник | м.
Долги парцели покриени со пластична фолија што се користат за рано производство на градинарски растенија. Пластеници со краставици и домати. Пластеник со каранфили.
пласти | несв.
За сено ‒ собира во пластови. Селанецот пласти сено. На повисоките места сеното го пластат во копи.
пластика | ж.
Општ назив за пластична маса и за предмети изработени од неа. Парче пластика. Столови од бела пластика.
пластифицира | св. и несв.
Обложи, обложува со пластична материја. Мајсторите ги пластифицираа кориците на новата книга.
пластичар | м.
Тој што тргува со пластични производи и што продава пластични производи.
пластичен | прид.
Што е направен од пластика. Пластична кофа. Пластично ќесе. Пластични шишиња. Пластични цевки.
плат | м.
(дијал.) ткаенина.
плата | ж.
Определена сума пари што му припаѓаат на вработениот по една или повеќе основи за вршење работи што произлегуваат од работниот однос. Месечна плата. Прва плата. Тие редовно примаат плати. Државни плати. Ниски плати.