пораб | м.

Подвиткан и зашиен раб на ткаенина. Направи широк пораб за да може да ја вовлече врвката.

пораби | св.

Направи пораб на ткаенина, обраби. Шивачката ги пораби краевите на фустанот.

поработи | св.

Работи малку, некое време. Тој поработи уште малку, ја фрли теслата и отиде дома да се поприбере.

поради | предл.

Означува причина како мотив за некое дејство. Средбата беше откажана поради отсуство на директорот. Поради многубројните грешки не треба да биде објавен овој текст.

порадува се | св.

Се радува малку, кратко време. Им го остави јарето за некој ден, да се порадуваат децата.

пораз | м.

Полн неуспех во војна, во некаква борба, во натпревар или во работата за постигање определена цел. Непријателската војска трпеше големи порази. Нивната екипа тешко го поднесе поразот во натпреварот. Таа беше научена на успеси и не трпеше порази.

пораз- | претс.

(порас- пред безвучна согласка) Усложнет префикс што означува: а) дека е дејството на првично префиксираниот глагол извршено малку, во мала / некоја мера, во некој степен или уште малку: поразбушави, поразгради, пораздвижи, се пораздени, поразмисли, поразувери, порасече, порашири и др. б) дека извршувањето на дејството на првично префиксираниот глагол има дистрибутивно обележје, т.е. опфаќа множество, многумина, сите (до еден): се поразболи, поразбрка, поразбуди, поразмести, се поразотиде и др.

поразбега (се) | св.

Се разбега малку, донекаде. Штом ќе го видеа децата, ќе се поразбегаа низ улицата.

поразбистри | св.

Направи нешто, течност, да стане побистро. Откако ја поразбистри водата, почна да црпи со кофата.

поразблажи | св.

За течност – со додавање течност (вода и сл.) направи да стане малку поредок, разреди. Тој додаде вода за да го поразблажи виното.