револуционерство | ср.
Севкупност на погледи и постапки на револуционер; дејност на револуционер.
револуционизира | св. и несв.
Рашири, шири идеи на револуцијата. Тие ја револуционизираа младината.
револуција | ж.
Целосна, коренита, длабока промена во општествените и во економските односи изведена со насилни средства, која се јавува како резултат на претходни дејства, несогласувања, незадоволство и сл. Социјалистичка револуција. Перманентна револуција. Пролетерска револуција. Секоја еволуција настанува со револуција.
регал | м.
Дел од мебел (составен од повеќе делови), полици за сместување различни предмети. Регал со витрина и плакар. Нов регал во бела боја.
регалии | и.
Обележја, предмети (скиптар, круна и сл.) со кои се означува власт на монарх. Царски регалии. На царот му светеа регалиите. Принцот ги доби регалиите од сопствениот татко.
регата | ж.
Спортски натпревар на едрилици или на веслачи во определен простор. Регата на кајак и на кану во мирни води. Веслачка регата. Едриличарска регата. Охридска регата.
регенерат | м.
Еднаш искористен материјал кому му се повратени карактеристиките.
регенеративен | прид.
Што се однесува на регенерација, што служи за регенерација. Регенеративна сила. Регенеративна способност.
регенератор | м.
(техн.) Дел од регенеративна печка што помага при загревањето на воздухот што влегува во печката. Најнов модел регенератор. Регенераторот е расипан и воздухот не се загрева.
регенерација 1 | ж.
(биол.) Обновување на ткивото на повредени или на изгубени делови на организмот. Регенерација на кракот кај морската ѕвезда. Регенерација на крајниците по операција на многу мала возраст.