творец | м.
а) Тој што твори, што создава нешто, автор. Читателот ги доживува тие настани и личности исто како што ги доживувал творецот при создавањето на своето дело. Народен творец. б) Основач, зачетник. Тој е творец на новиот експериментален метод.
творечки | прид.
Што се однесува на творец и на творештво, што содржи елементи на творештво. Творечка дејност. Творечка фантазија. Творечки способности. Творечки пат. Творечки опус. Творечки чин.
творештво | ср.
Создавање на нови, оригинални материјални, духовни и културни вредности; творење. Меѓу материјата на творештвото и уметничката творба постои човекот што твори.
твори | несв.
Создава нови, оригинални материјални, духовни и културни вредности.
творчество | ср.
тврд | прид.
а) За агрегатна состојба на телата – чии честички се густо збиени; цврст. Телата можат да бидат во тврда, течна и гасовита состојба. Водата на ниски температури станува тврда. б) Што има постојана форма и размер; што е отпорен на удар, на притисок, на виткање и сл.; што тешко се сече, што тешко се обработува; цврст, јак. Тврди минерали. Тврда земја. Тврд камен. Тврда карпа. в) Што не ја менува формата под притисок, тежина, што не се сплескува, нееластичен. Тврда перница. Тврд душек. Тврд под. Тврда јака. г) Што тешко се меша, меси, густ, цврст, збиен. Најде малку тврд пченкарник во лонецот. Тврдо тесто. Тврдо сирење. д) Што е груб, рапав, корав. Тврди шепи. Тврда брада. Тврди прсти. ѓ) Што е сув, препечен. Корка тврд леб.
тврдење | ср.
Глаголска именка од тврди.
тврди | несв.
Кажува нешто со голема сигурност и убеденост во неговата вистинитост, докажува вистинитост на тоа што е искажано; поддржува нечии мислења, сфаќања, ставови. Тврдам дека треба подлабока анализа пред почнувањето на каква било акција. Тој не може со сигурност да тврди дека токму тоа се случило.
тврдина | ж.
Градба оградена со бедеми за одбрана од непријателот; крепост, кале. Жените, децата и старците се засолнаа во тврдината. Самуилова тврдина.
тврдоглав | прид.
Што не отстапува од своите ставови, што не прифаќа туѓо мислење; своеглав. Тврдоглав човек. И двајцата се погодија тврдоглави и инаетчии.