тежи | несв.

Е тежок, има определена тежина. Гајбите тежат 5 килограми. Цевките тежат еден тон.

тежина | ж.

(само едн.) (физ.) Силата со која Земјината тежа дејствува врз некое тело.

тежински | прид.

Што се однесува на тежина, што се изразува во мерни единици за тежина. Тежински нивоа. Тежински однос.

тежиште | ср.

(физ.) Точка на замислена резултанта добиена од тежината на сите одделни делови на телото; резултантна сила што дејствува врз некое тело.

тежнее | несв.

Се стреми, настојува, вложува напор за постигнување, остварување на некаква цел; чувствува привлечност кон некого или кон нешто. Тој во уметноста тежнее кон синтеза.

тежок | прид.

Што има голема тежина, што е со поголема тежина во однос на другите предмети од ист вид. Огромни порти со тешки окови стоеја пред мене. Тешки пранги. Тежок митралез. Тежок камен. Тежок куфер.

теза | ж.

Основна поставка, тврдење, став што треба да се докаже, да се одбрани. Примерите ја потврдуваат неговата теза. Спротивставени тези. Тој изнесе некои тези на обвинението.

тезаурус | м.

Речник што го опфаќа целокупното јазично богатство на еден јазик, збирка, зборник на јазично богатство.

тезга | ж.

а) Специјална маса на пазар, на панаѓур и сл. на која е наредена стоката што се продава. На тезгите беа наредени зеленчукот и овошјето. Тезгите беа полни со дреболии. б) Специјална работна маса во занаетчиски дуќан. Стругот стоеше на тезгата.