блиц | м.

Блесок, краткотрајно силно светло.

блок | м.

Големо, масивно парче од нешто (камен, метал, мраз и сл.). Дождовите ја изделкале лавата, ја измоделирале во блокови. Таа ги заобиколуваше огромните камени блокови, напукнати и изглодани од времето. Надолу се гледаа блокови од гранит.

блокада | ж.

(воен.) Целосно опколување на некое место, област и сл. со вооружена сила. Денес имаше претреси, утре сигурно ќе има блокада. Никој не успеа да се извлече од блокадата. Цврста поморска блокада и постојано бомбардирање ќе ги натера противниците да се предадат.

блокира | св. и несв.

Направи, прави блокада, опколи, опколува, запре, запира нешто преку блокада. Силни воени единици го блокираа градот. Полицијата ги блокира излезите од селото.

блокче | ср.

Дем. од блок.

блондинка | ж.

Русокоса жена. Таа беше убава блондинка, со прекрасни сини очи.

блостур | м.

Билка со сиви, мовливи листови, со цврсто стебло и со гроздеста, жолта розета од цветови што шират непријатен мирис; Verbaskum.

блуд | м.

Полово дејство што е осудено од средината, распуштеност, разврат. Таму се оддаде на блуд.

блуден | прид.

Што се оддава на блуд. Селаните ја истераа блудната девојка.

блудец | м.

Чинија со пченица, шеќер и ореви, пригодена според православниот обичај. Одеше по колата мртовечка со блудецот в раце. Жените се вратија од гробишта, ги растоварија празните кошници и останатите лепчиња и блудците.