евзон | м.

Грчки војник, припадник на лесната пешадија. Евзоните стоеја здрвени на подножјето на Акропол, сега веќе како украс.

евидентен | прид.

Очигледен, лесно видлив и забележлив. Евидентен факт. Евидентна појава. Тие резултати се евидентни во нашата практика.

евидентира | св. и несв.

Запише, запишува, внесе, внесува во книга за евиденција. Уште на пријавницата ги евидентираа болните.

евидентичар | м.

Лице што води евиденција. Тој имаше завршено курс за евидентичари.

евиденција | ж.

Забележување, воведување во книги, правење попис на тоа што се случува, што се работи. За сè се води точна евиденција.

евкалиптус | м.

Високо дрво што расте во тропските краеви, со миризливи лисја, од кои се добива етерично масло.

евла | ж.

Вид листопадно дрво ; Alnus. Низ воздухот се ширеше миризбата на евлата. Котлината беше обрасната со евла и со повит од сите страни. Дивите евли се вееја на ветрот.

евлак | м.

Шума со евла, со тенки зелени дрвца. Од евлакот затопоти и дотрча уште еден коњ.

евлов | прид.

Што се однесува на евла. Крај Вардар растеа евлови дрвја. На ветрот се нишаа евловите гранки.

евловина | ж.

Шума со насади од евла. Птиците бегаа и се засолнуваа во оголената евловина.