задави | св.

Усмрти некого со давење, со спречување на дишењето. Го задавиле со копринена шамија преку устата. Едно куче ја задави нашата мачка.

зададе | св.

Постави, даде некому како задача да реши нешто. Би сакал да ми одговорите на прашањата што ќе ви ги зададам. Тој набрзина ја напиша задачата што му ја зададе учителот.

Задар | м.

Приморски град во Хрватска.

задача | ж.

Определена работа што треба да се исполни, да се изврши; обврска. Беше среќен што ја исполни задачата како што треба. Нејзина задача е да ја пречека колоната и да отвори оган на неа. Тој никогаш не заборави на задачите што ги беше зел на себе.

задвижи | св.

Почне да движи; движи Надојдената вода ги задвижи воденичките камења.

задграничен | прид.

Што се наоѓа надвор од државните граници на една земја. Задгранична зона. Задгранични области. Задграничен комитет.

задгробен | прид.

Што се однесува, според религиозните верувања, на тоа што постои, што доаѓа по смртта. Задгробен живот. Задгробни суштества.

задебели | св.

Направи да биде подебел. Храната ги задебели свињите. Задебели ги малку буквите.

задева | несв.

Предизвикува некого со закачки; задира, вознемирува. Никого не задевај и никој нема да те задева.

задевојчи се | св.

Стане девојка, помине детска возраст; се. Таа се задевојчи многу рано.