отима | несв.

Насилно зема нешто од некого, Разбојниците отимаа сѐ што ќе видеа.

отимач | м.

Тој што отима. Таа се оттргна од рацете на отимачот.

откаже | св.

Престане да признава важност на нешто однапред договорено. Го откажа состанокот. Потстанарите го откажаа договорот за купување на станот. Драмскиот театар ја откажа премиерата.

отказ | м.

Акт за прекинување на договорен или службен однос, за отпуштање од работа, од служба. Директорот подели неколку откази. Шефот му врачи отказ. Отказ на договор. Даде отказ на работното место.

отказен | прид.

Што се однесува на отказ. Отказен рок. Отказно решение.

откако | сврз.

Во временски реченици да се назначи дека дејството во главната реченица ќе се изврши по дејството во зависната дел-реченица. Откако ја напиша домашната работа, тој отиде да си игра. Тие дадоа гол откако го сменија начинот на игра. Откако се смени власта, стандардот на граѓаните почна да се менува.

откаршија | прил.

Од спротивната страна; отспротива. Откаршија имаше една убава голема куќа.

откачи | св.

Симне, извади нешто што е закачено, обесено. Момчето ја откачи тамбурата од ѕидот и почна да свири. Тој го откачи палтото од закачалката.

откај | предл.

Со пространствено значење: а) Место. Ќе појдеме откај мене на концертот. б) Потекло. Сите примери му се откај Цепенков. в) Правец. Кај нас дождовите обично идат откај југ.

откине | св.

Одвои дел од целина; скине. Домаќинката откина парче од тестото и го расука. Кучето му откина парче од панталоните на крадецот.