послание | ср.

(истер., арх.) Официјално, писмено обраќање од владарот до народот или до законодавното тело. Кралот пратил послание до сиот народ.

после | прил.

Потоа, по некое време. Се напи од водичката, а после го извади кавалчето и почна да свири. После, постепено и полека, почна да го обзема радост. После со оној свој бавен чекор отиде до својот шатор.

последен | прид.

Што е на самиот крај од нешто, по кој не следува нешто друго. Тоа беа последните посетители на изложбава за овој ден. Таа ја отвори последната соба. Повеќето патници дојдени со последниот воз требаше да останат за утре. Тој зборуваше сѐ потивко и последните зборови одвај се чуја.

последица | ж.

Тоа што произлегува од некакво дејство или состојба; тоа што е резултат од некоја причина. Кога ќе ја отстранат причината, ќе исчезне и последицата. Како секогаш, без да му мисли за последиците, истрча до портата. Тој се плашеше од последиците кои ние немавме сили да ги предвидиме.

последичен | прид.

Што се јавува како последица на нешто; со кој се искажува последица. Последична реченица. Последичен сврзник.

последователен | прид.

Што следува непрекинато едноподруго, што се извршува по определен редослед. Тие глаголи изразуваат дејство во неговото одвивање, во неговото последователно вршење.

последователно | прил.

Едноподруго. Беше донесено решение одделните томови да се печатат последователно.