регулатива | ж.
Вкупност од правила или прописи. Законска регулатива. Правописни регулативи.
регулативен | прид.
Што е дел од регулатива, што регулира, што врши регулација. Регулативна улога. Регулативна мерка.
регулатор | м.
(техн.) Апарат за регулирање, за следење на работата на некој механизам, машина и сл. Регулатор на топлина. Регулатор на светлина. Регулатор на брзина.
регулаторен | прид.
Што се однесува на регулатор; Регулаторна дејност. Регулаторно дејство.
регулација | ж.
Внесување определен ред, уредување на нешто. Регулација на системот за издавање патни исправи. Регулација на производството на лекови.
регулира | св. и несв.
Уреди, уредува; подложи, подложува на извесен ред, на правила. Владата ги регулираше цените на лебот. Државите ги регулираа меѓусебните односи. Полицијата го регулираше сообраќајот.
ред | м.
а) Редица, севкупност од нешта (лица, предмети и сл.) што доаѓаат едно до друго во хоризонтална линија според некои правила (височина, обележаност со број и сл.). Момчињата беа наредени во ред. Тој ги читаше буквите од првиот ред. Беше сместен во втората куќа од првиот ред куќи. б) Позиција на нешта (предмети, лица) што се наоѓаат едно зад (по) друго. Десет реда војска стоеше построена. Првиот ред беше со црвени седишта, другите редови со зелени. Редот се протегаше до влезот на аптеката. Насадија два реда сливи, а потоа два реда круши. в) Збир од предмети наредени еден врз друг, во вертикална линија. Постелнината беше наредена во прецизен ред. Еден ред бели маици, врз нив ред сини.
редактира | св. и несв.
Исправи, исправува; подготви, подготвува; среди, средува списание, текст, книга и сл.; изврши, извршува редакција. Професорот го редактираше речникот. Врвни научници го редактираа ракописот. Тој досега редактирал неколку книги.
редактор | м.
Лице што ја води издавачката дејност во некоја издавачка куќа, раководи со издавањето на некој текст, раководител на издание (весник, списание, едиција и сл.). Одговорен редактор на весници. Директорот е редактор на сите книги што се изданија на Институтот.
редакторство | ср.
Должност, дејност на редактор.