самба | ж.
Вид темпераментен, ритмичен танц по потекло од Бразил. Сите играа во ритамот на самбата. На плажата од далечината се слушаше самба.
самее | несв.
Живее осамено; самува. Тој не ја прифати реалноста и самее во планинската колиба. Едно старо дрво самееше во испустената нива.
самец | м.
Тој што живее сам, без семејство, без брачен другар. Издаваше соби за самци. Во поткровјето живееше самец.
самечки | прид.
Што се однесува на самец, самица. Самечки живот. Самечка соба.
самица | ж.
Таа што живее сама; самец. Таа беше стара самица заборавена од сите.
самне | св.
(само во 3 л. едн.) Зазори, се раздени; осамне. Самна, а таа сè уште не можеше да си ги собере мислите. – Самна, а ти уште не си легнал!
само 1 | прил.
Точно толку, не повеќе на единственоста, исклучителноста на нешто. Сите ученици стоеја, само еден не се помрдна од местото. Таква можност се нуди само еднаш.
само 2 | сврз.
Исклучување, изземање, освен; обично едната реченица е негирана и се укажува на отсуство на предмет, лице или дејство по исклучок. Сите дојдоа, само тој не дојде. Сите деца си играа во градината, само тие седеа во училницата. Ништо не кажа, само се насмевна.
само 3 | чест.
Со именки и заменки, со значење единствено, исклучиво. Само мајстор може да го поправи тоа. Само тој може да ти помогне.
само- | претс.
Претставка/префикс за образување глаголи, именки и придавки.