добредојде | ср.

Поздрав што се упатува кон некого при неговото доаѓање. Тој им пожела на сите гости добредојде.

добредојден | прид.

Срдечно, со радост пречекан, примен. Секогаш си добредојден во нашиот дом.

добрза | св.

Престане со брзањето.

добрина | ж.

Особина на тој што е добар; пријателско расположение спрема луѓето, спремност за давање помош, великодушност. Од лицето му избиваше добрина. Жедно му гледаше во очите оти старецот сета своја добрина како да ја имаше во погледот.

добричи | св.

Заврши со бричењето на некого. Иако не беше добричен, се истави од берберскиот стол. Отиде кај друг бербер да го добричи.

добрише | св.

Избрише, исчисти до крај. Ќе го добришам подот и ќе седнам да одморам.

добрка | св.

Со бркање дотера (добиток и др.) до определено место. Го добрка добитокот во шталата.

добро | прил.

На добар начин, успешно, пожелно, исправно, онака како што треба да биде. Таа добро го одгледа синот. Тие добро ги поднесуваат нашите зими. Помислуваше нели е најдобро да појде самиот таму и да ја предупреди.

добро | ср.

Сѐ што е убаво, вредно од морална гледна точка; нешто што е корисно за човекот. Тука се јавува вечната борба меѓу доброто и злото. Доброто е за во срцето, лошото на нож треба да се дочека.

доброволен | прид.

Што прави нешто по своја волја, без принуда. Доброволни дарители на крв.