кабалист | м.

Следбеник, приврзаник на кабалата; тој што се занимава со кабала.

кабалистички | прид.

Што се однесува на кабалист и на кабала.

кабаница | ж.

Долга наметка, обично со ќулавка, што се носи над облеката, за заштита од дожд и студ. Тие имаат добри кабаници и ќулавки од материјал што не пропушта. Конзулот ја наметна својата службена кабаница.

кабардиса | св.

Нарасне, набабри, се надуе, го зголеми обемот при ферментација.

кабаре | ср.

Кафеана, јавен локал или мал забавен театар во кој се изведува разновидна лесна, забавна програма со музика и игра, во кој се служи пијалак. Без добри, актуелни и свежи хумористично-сатирични скечеви нема квалитетно кабаре.

кабаст | прид.

Што зазема многу простор, што е со големи димензии, крупен. Мебелот е кабаст и не може да се смести тука. Не е тешко, само е кабасто.

кабел | м.

Изолирана жица или жици од бакар или друг метал што служи за пренос на електрична енергија и електрични (телефонски, телеграфски и др.) сигнали; спроводник, вод. Една група работници го прекопуваат тротоарот за поставување телефонски кабли. Подземен кабел.

кабил | прид.

Што е во состојба, што е спремен нешто да направи, способен. Ако не кажеш ти, таа ќе е кабил да каже.

кабина | ж.

Мала, изделена просторија со посебна намена. Пилотска кабина. Телефонска кабина. Бродска кабина. Шоферска кабина.